Македонската асоцијација на земјоделски задруги (МАЗЗ) заедно со уште 110 граѓански организации и социјални претпријатија од целата земја во саботата на 24 септември беше дел од 5-от по ред фестивал на Цивика Мобилитас „Ден на граѓанските организации и социјалните претпријатија“ кој се одржа зад спомен куќата „Мајка Тереза“ во Скопје.
„Денот на граѓанските организации и социјалните претпријатија“ официјално го отворија НЕ Вероник Улман, Амбасадорката на Швајцарија во земјава; НЕ Дејвид Гир, Амбасадорот на ЕУ во РСМ, како и Фатмир Битиќи, заменикот на претседателот на Владата.
Главните пораки кои тие ги споделија беа:
– Силно, разнолично и динамично граѓанско општество е важна димензија за функционалната демократија
– Преку Националната стратегија и новиот Закон за социјални претпријатија поставени се темелите на социјалното претприемништво во земјава
– Солидарноста, грижата за немоќните и оние со помалку можности треба да се карактеристики на сите компании, а не само на социјалните претпријатија.
Македонската асоцијација на земјоделски задруги е најголема чадор организација која ја унапредува работата на земјоделските задруги во државата кои пак како форма имаат елементи и на социјални претпријатија и се темелат на принципи идентични на општествено одговорни организации. МАЗЗ како институционален грантист и дел на Цвика Мобилитас заедницата, на фестивалот се претстави со перформанс на сцена под назив Пчелин Рај преку кој упати моќна порака до јавноста за улогата на пчелите и нивната поврзаност за заштита на животната средина, одржување на биодиверзитетот и здрав екосистем.






