Историјат
Македонската асоцијација на земјоделски задруги – МАЗЗ ја консолидира работата на земјоделските задруги и нивните членови за остварување на нивните индивидуални и меѓусебни права и интереси на модерен и демократски начин и придонесува за развој на одржливо земјоделство и квалитет на животот. Целта на организацијата е да ги заштити економските, социјалните и културните интереси на земјоделците и да работи на подобрување на условите на пазарот на производство. За остварување на оваа цел, МАЗЗ соработува со национални и меѓународни невладини организации, владини институции на локално и национално ниво, како и со субјекти од областа на образованието и бизнисот, кои придонесуваат и влијаат на условите за развој на одржливо и профитабилно земјоделско производство, услови неопходни за развој во руралните области и квалитетот на живот на земјоделците. Општо земено, организацијата влијае на јавното мислење и, следејќи ја економската и политичката ситуација, навремено реагира презентирање на клучните прашања за развој на земјоделството до релевантните институции.
Во 2012 год., беше покрената иницијатива од страна на земјоделските задруги кои работеа на територијата на Република Македонија за создавање на чадор организација која би ги застапувала интересите на земјоделските задруги и би ги заштитувала нивните права и веќе во месец Мај, истата година осум земјоделски задруги заедно ја формираа Македонската асоцијација на земјоделски задруги. МАЗЗ е единствена организација која во соработка со МЗШВ веќе 8 години по ред, првата сабота од месец Јули, го организира Меѓународниот ден на задруги кој на истиот датум секоја година паралелно се одбележува во целиот свет. Целта на организирање на овој настан е развивање дијалог помеѓу фармерите (задругари), владините и невладините институции и позитивна промоција на економското организирање на фармерите како единствена перспектива за развој на земјоделството во регионот. МАЗЗ е единствена организација која со поддршка на невладини организации и донатори од регионот, 7 години по ред организира Регионална конференција на задруги на која присуствуваат претставници на задружни сојузи од Р. Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Полска и Војводина. Целта на организирање на конференцијата е промоција и унапредување на задружната идеја и движење во земјата и регионот како и пренесување на позитивните искуства за кооперативното движење од соседните земји.
Мисија на МАЗЗ
Македонската асоцијација на земјоделски задруги е регистриран сојуз на задруги кој постои да поддржи формирање на нови задруги, да ги обедини сите земјоделски задруги во државата и да им обезбеди зајакнување на управувачките капацитети на задругите, еднаков третман на нивните потреби и реална поддршка на пласман на нивните производи на пазарот во земјата и меѓународно. Македонската асоцијација на земјоделски задруги е гласот на земјоделецот во Република Северна Македонија и носител на промените во усогласувањето на легислативата со Европската Унија.
Визија на МАЗЗ
Визијата на Македонската асоцијација на земјоделски задруги да стане водечки бренд на здружување на земјоделците во Република Северна Македонија, која ќе има моќ да биде столб на активното задругарство и силен двигател на промените во земјоделието преку подигање на свеста во јавноста за признавање на земјоделските задруги како единствено средство за постигнување на дополнителна продуктивност и ефикасност во земјоделскиот сектор.