Задругите во светот се присутни повеќе од 180 години. Принципите врз основа на кои тие се граделе, функционирале и се развивале, во текот на годините се менувале. Денес општо прифатени се седум принципи:

1. Доброволно и отворено членство
Членувањето во задругите е на доброволна основа и во нив може да членуваат физички или правни лица, независно од половите, политичките, националните или верските разлики помеѓу нив.

2. Демократско управување
Со задругите управуваат членовите и секој од нив учествува во иницирањето, креирањето и донесувањето на одлуките.

3. Членарина и контрола на финансиските средства
Врз основа на утврдени правила, членовите плаќаат членарина, а во исто време тие имаат и контрола и одлучуваат за начинот на трошењето на финансиските средства со кои располага задругата.

4. Самостојност и независност
Задругите се во сопственост на членовите и тие самостојно и независно управуваат со нив.

5. Образование, обука, информирање
Во функција на индивидуалниот и заедничкиот развој, задругите воспоставуваат систем на континуирана и навремена размена на информации, образование и практична обука на членовите.

6. Соработка меѓу членовите
Задругите овозможуваат и поттикнуваат поблиска и поголема соработка помеѓу членовите во задругата, но и соработка со членови на други задруги.

7. Грижа за заедницата/општеството
Преку задоволување на потребите на членовите, задругите придонесуваат и за развој на заедниците во кои функционираат.