Во периодот од 19-21 мај, четиричлена делегација на Македонската асоцијација на земјоделски задруги беше дел од 90-от по ред Меѓународен саем за земјоделство во Нови Сад кој претставува најголем саемски настан во Р. Србија и еден од најголемите во Европа во областа на земјоделството. Саемот ги обединува најважните компании од агроиндустријата, земјоделското производство, механизацијата, како и најдобрите во сточарството и е неизбежно место за земјоделците и професионалната публика која е заинтересирана за земјоделството. Со оглед на долгогодишната традиција на оддржување, саемот стана заштитен знак на Нови Сад, како и престижно место за презентација и развој на агробизнисот. Земја партнер на овогодинешниот саем беше Италија а истиот официјално беше отворен од страна на српската министерка и италијанскиот министер за земјоделство шумарство и водостопанство.
Традиционално, Задружниот сојуз на Војводина беше домаќин на делегации на Задружни сојузи од регионот во рамките на одржувањето и зајакнувањето на меѓусебната соработка и поддршка. Одржана беше и тркалезна маса на тема „Задругите во регионот – размена на искуства“, на која учествуваа претставници на Задружни сојузи од Војводина, Србија, Република Српска и Хрватска со цел поврзување на задругите на регионално ниво, размена на искуства и воспоставување деловна соработка.