Македонски традиционални производи и македонското вино, викендов беа презентирани на Меѓународниот саем „АГРА 2022“, што се одржа традиционално по 60-ти пат во Горна Радгона, Словенија. Станува збор за еден од поголемите и позначајни меѓународни саеми, на кој се претставуваат изложувачи од голем број на држави во светот, а со свој штанд беше претставена и Република Северна Македонија, со своја презентација која се одржа на национален изложбен простор, дизајниран и опремен со карактеристични и препознатливи елементи од нашата држава.
На македонскиот штанд во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, се одржа и коктел за дегустација на македонските традиционални производи и квалитетното сортно македонско вино каде министерот Николовски беше домаќин на претседателот на Република Словенија, Борут Пахор и министерката за земјоделство, шумарство и храна, Ирена Шинко. Настанот привлече големо внимание и многу посетители на македонскиот штанд, го искажаа задоволството од квалитетот и вкусот на презентираната македoнска храна и вино. Македонските прехранбени брендови се добро препознаени и почитувани во Европа и светот.
Земјоделската задруга ”БТ Нектар”, Битола – членка на МАЗЗ беше дел од овој значаен настан каде нејзиниот претставник г-дин Менде Трајковски кој е воедно и член на Управниот одбор на МАЗЗ оствари работна средба со г-дин Борут Франичиќ – претседател на Задружен Сојуз ”Задружна Звеза” Словенија кој претставува цврст партнер на МАЗЗ во насока на развој, унапредување и позитивна промоција на задружното движење во Р. Северна Македонија. На средбата Трајковски потенцираше дека, да се учи од искуствата на успешните словенечки примери и реплицирање на позитивни примери е особена чест посебно за држави како нашата каде задругарството сеуште е предизвик на којшто сите заеднички треба да работиме.


