Остварена средба помеѓу претставници на ЗМАЗЗ и Министерството за труд и социјална политика

објавено во: Новости | 0

Во просториите на Министерството за труд и социјална политика, делегација на Македонската асоцијација на земјоделски задруги, предводена од Претседателката Сузана Димитриевска, членовите на одборот за соработка со институции Менде Трајковски и Љубе Пампулевски, како и Генералниот секретар Мартин Мицевски остварија работна средба со Министерката за труд и социјална политика, госпоѓата Јагода Шахпаска. На средбата, делегацијата на МАЗЗ го отвори прашањето околу статусот во Агенцијата за вработување на евидентираните земјоделци и регистрираните земјоделци, членки во земјоделски задруги. Овој долгогодишен проблем претставува една од најголемите пречки за сериозен развој на задругарството во државата и окрупнување на членството во задругите. На средбата присуствуваа и претставници од Агенцијата за вработување, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и претставници од ЕУ Проект: Поддршка за развој на земјоделски задруги. Сите инволвирани чинители се согласија дека е потребно да се изнајде системско решение за овој долгогодишен проблем, па така, во многу блиска иднина ќе се формира работна група од сите засегнати страни која сериозно ќе го преиспита и ќе работи кон отстранување на овој проблем.