Во периодот од 17-19 мај, четиричлена делегација на Македонската асоцијација на земјоделски задруги предводена од г-дин Лазар Боев член на Управниот одбор на МАЗЗ и управител на ЗЗ Петрушка Река, Миравци беше дел од 91-от по ред Меѓународен саем за земјоделство во Нови Сад. Новосадскиот саем претставува најголем саемски настан во Р. Србија и е еден од најголемите саеми во Европа во областа на земјоделството. Саемот ги обединува најважните компании од агроиндустријата, земјоделското производство, механизацијата, како и најдобрите во сточарството и е неизбежно место за земјоделците и професионалната публика која е заинтересирана за земјоделството. Со оглед на долгогодишната традиција на оддржување, саемот стана заштитен знак на Нови Сад, како и престижно место за презентација и развој на агробизнисот. Земја партнер на овогодинешниот саем беше Европската Унија а истиот официјално беше отворен од страна на претседателот на Владата на Р. Србија. Со поздравни говори до присутната јавност се обратија градоначалникот на Нови Сад, претседателката на покраинската Влада на Војводина, Еврокомесарот за земјоделство на ЕУ, шефот на делегацијата на Европската Унија во Р. Србија и генералниот директор на Новосадски саем.
Традиционално, Задружниот сојуз на Војводина беше домаќин на делегации на Задружни сојузи од регионот во рамките на одржувањето и зајакнувањето на меѓусебната соработка и поддршка. Одржана беше и тркалезна маса на тема „Земјоделското задругарство во регионот – состојби и предзвици“, на која учествуваа претставници на Задружни сојузи од Војводина, Србија, Република Српска и Хрватска со цел поврзување на задругите на регионално ниво, размена на искуства и воспоставување деловна соработка.