Преку ”Подобрено производство и квалитет на одбрано овошје и зеленчук” до поконкурентни пазарно ориентирани задруги

posted in: Новости | 0

Македонската асоцијација на земјоделски задруги заедно со Задружните Сојузи на Јужна Србија и Војводина започнаа со реализација на проектот со наслов: ”Подобрено производство и квалитет на одбрано овошје и зеленчук” имплементиран од страна на International Development Group Advisory Services, LLC, USA а финансиски поддржан од страна на USAID.

Целта на проектот е земјоделските задруги во Р. Северна Македонија и Р. Србија да го подобрат квалитетот на производството, да ја зајакнат внатрешната структура, да развијат нова ефикасна и одржлива услуга за членовите особено во операциите по бербата, па оттука и да станат посериозни добавувачи и да организираат профитабилно пласирање на своите производи на пазарите. Проектот истовремено ќе овозможи поголема посветеност на сегашните членки и привлекување на нови фармери кои ќе го препознаат бенефитот и ќе се зачленуваат во задруги.

Планираните активности во проектот ќе бидат вреден модел за зајакнување на организациските капацитети, трансферот на знаење и генерирање нови приходи и за други индивидуални фармери и земјоделски задруги. Проектните активности ќе имаат значително позитивно влијание врз подобрувањето на севкупната конкурентност на задругите преку подобрени постбербени активности, усвојување на стандарди (Global GAP) и додавање вредност на понудата на производи.

Сите проектни интервенции ќе резултираат со подобрена трансформација од традиционални во поорганизирани и специјализирани пазарно ориентирани задруги кои ќе го подобрат капацитетот за пониски трошоци за производство, зголемување на економиите на обем и повисок квалитет на производите, со што ќе се зголеми преговарачката моќ и посилно присуство на пазарот на домашниот и на странскиот пазар. Подигнувањето на свеста на фармерите за придобивките од функционалната задруга ќе придонесе за поголемо разбирање на интегрираните синџири на снабдување на фармерите и моделите за пристап до пазарот. Во поширока смисла, овој проект ќе придонесе за поголема вклученост и позитивни социјални промени во руралните домаќинства вклучени во земјоделскиот сектор во регионот.