Одбележан Меѓународниот ден на задруги

posted in: Новости | 0

Во организација на CARE International Balkans и Македонската развојна фондација за претпријатија преку проектот ”Поддршка за развој на земјоделски задруги” финансиран од страна на Европската Унија на 3 јули во Велес свечено се одбележа Меѓународниот ден на задруги. Со поздравни говори пред присутните гости се обратија заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Гдин Трајан Димковски, претставник на Европската Делегација Г-дин Константинос Супилас, претставник на CARE Германија, Г-дин Драган Периќ, Претседателката на МАЗЗ Г-ѓа Сузана Димитриевска и Извршниот директор на МРФП Г-дин Лазар Недановски.

Во склоп на овогодинешното светско мото: „Да обновиме заедно – да изградиме подобро!“, поттикнато од тоа како задругите солидарно се соочуваат со пандемиската криза КОВИД-19 и како им нудат на заедниците закрепнување од кризата, нашите задруги го споделија своето искуство во справувањето со КОВИД-19. Дополнително тие посочија како веќе размислуваат за своите следни чекори кон уште поголемо здружување првенствено преку зголемување на бројот на членови во постојните задруги, а понатаму и преку формирање групи на производители со цел заедничко пласирање на унифициран производ во големи количини, на локални и странски пазари.

Пренесуваме дел од обраќањето на Претседателаката на МАЗЗ:

Дозволете ми, денес на 3 јули кога ширум светот се одбележува Меѓународниот ден на задруги, во името на Македонската асоцијација на земјоделски задруги, со ова мое обраќање да испратам јасна порака до сите Вас за предизвиците кои не очекуваат и дејствијата кои што треба сите заеднички да ги превземеме во иднина.Овој Меѓународен ден на задруги, се фокусира на придонесот на задругите за побрзо и полесно закрепнување на заедниците од пандемиската криза КОВИД-19.

Во последната година бевме сведоци како функционираше моделот за соработка и добро состојба на луѓето и почитување на планетата, потенцирајќи го задружното движење. Оваа година заедно ќе помогнеме да се намалат штетите што ги нанесе ковид кризата и уверена сум дека ќе видиме многу  позитивни примери затоа како задружното движење може да им помогне на заедниците да станат посилни во пост-пандемискиот свет.

МАЗЗ работи на сет на услуги кои што ќе им ги понуди задругарите и заеднички ќе придонесе за зголемување на нивната економската добивка се со цел намалување на штетите од КОВИД-19.

Почитувајќи ги 7-те меѓународни задружни принципи, етичките вредности на општествената одговорност и грижата за заедницата ќе покажеме солидарност во сите сфери се со цел намалување на нееднаквоста и содавање на заеднички просперитет и одговори на непосредните влијанија на КОВИД-19, особено на најзагрозените групи како што се малите фармери, жените, младитеи етничките малцинства.

Меѓународното задружно движење мора да ја искористи оваа важна можност и да заземе став како глобален актер на промени за да соработува со своите партнери во рамките на меѓународната заедница. Македонската асоцијација на земјоделски задруги ги следи трендовите и ќе биде дел од големото европско задружно семејство се со цел размена на најдобри практики, поставување на платформи за дијалози за стратешки развој на бизнисите и изнаоѓање соодветни решенија за тековните и идните предизвици и разбирање на можностите што произлегуваат од истите.

МАЗЗ, како најголем претставник на задружниот сектор, и понатаму ќе работи за промовирање на придобивките и можностите од здружување во земјоделски задруги како и на економскиот бенефит од здружено делување во земјоделскиот сектор.

Со желба наредната година денот на задругите да го прославиме уште побројни, сплотени и силни, НЕКА НИ Е ЧЕСТИТ МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ЗАДРУГИТЕ!