Во организација на Македонската асоцијација на земјоделски задруги а со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Цивика мобилитас програмата на 2 јули во с. Мустафино, Свети Николе, свечено се одбележа Меѓународниот ден на задруги. Со поздравни говори пред присутните гости се обратија – Претседателката на МАЗЗ Г-ѓа Сузана Димитриевска, претставници на општина Свети Николе, претставник на CARE International г-дин Драган Периќ, како и најстариот задругар од овчеполскиот регион г-дин Љупчо Иванов. Оваа година симболично настанот за одбележување на Меѓународниот ден на задруги беше збогатен и со изложбен дел каде претставници на 20 земјоделски задруги на штандови го презентираа и промовираа своето производство. Реализирана беше и панел дискусија на која збор земаа почитуваниот професор Јорде Јаќимовски како и дел од претставниците на земјоделските задруги – членки на МАЗЗ, при што секој од свој аспект даде свое видување но и препораки за надминување на предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното работење како и конструктивни предлози за поуспешно функционирање на земјоделските задруги во Р. Северна Македонија. Додадена вредност на настанот беше подготвената традиционална храна од страна на вештите раце на Рурални жени од Преспа и руралните жени од Овчеполскиот регион!
Целта на одбележување на Меѓународниот ден е да се зголеми свеста за задругите и да се промовираат успесите и идеалите на движењето на меѓународната солидарност, економската ефикасност, еднаквоста и светскиот мир. Меѓународниот ден, исто така, има за цел да ги зајакне и прошири партнерствата помеѓу меѓународното движење за соработка и другите актери, вклучително и владите, на локално, национално и меѓународно ниво.
Темата на овогодинешниот 100-ти по ред јубилеен Меѓународен ден на задруги беше ”Задругите градат подобар свет!” Работејќи низ целиот свет, во многу различни сектори на економија, задругите се покажаа поотпорни на кризи отколку просекот. Тие поттикнуваат економско учество, се борат против деградацијата на животната средина и климатските промени, генерираат добри работни места, придонесуваат за безбедност на храната, го задржуваат финансискиот капитал во локалните заедници, градат ланци на етички вредности и, со подобрување на материјалните услови и безбедност на луѓето, придонесуваат за позитивен мир.
Пренесуваме дел од обраќањето на претседателката на МАЗЗ г-ѓа Сузана Димитриевска:
„Задругите се единствениот модел на претпријатија со глобално договорени принципи што се потпираат на основа на споделени етички вредности“. МАЗЗ ги повикува соработниците и партнерите ширум светот да го прослават Меѓународниот ден на задруги и да му покажат на светот како преку соработка градат подобар свет.
Македонската асоцијација на земјоделски задруги, како социо-економски партнер на Владата, ќе продолжи да влијае на јавното мислење, и ќе дава придонес за презентирање на клучните прашања за развој на задругарството. МАЗЗ пак како претставник на граѓанското општество, и понатаму ќе работи за придонес кон зголемување на свеста на фармерите за придобивките и можностите за здружување во земјоделски задруги и промовирање на здружените економски форми на делување во земјоделскиот сектор. Со лобирање и застапување на интересите на земјоделските задруги и креирање рационална политика за развој на задружното општество во Република Северна Македонија се работи на подигање на свеста кај фармерите и поттикнување на фармерите за пристапување во задруги!
Со желба наредната година денот на задругите да го прославиме уште побројни, посплотени и уште посилни, НЕКА НИ Е ЧЕСТИТ МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ЗАДРУГИТЕ!
Со Почит, Сузана Димитриевска – Претседателка на МАЗЗ.























