Завршна конференција на проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги“

објавено во: Новости | 0

На 22 октомври во х. Александар Палас во Скопје се одржа завршната конференција на проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги“ финансиран од Европската унија а имплементиран од CARE International и Македонска развојна фондација за претпријатија. На конференцијата свое обраќање имаа: г -дин Аријанит Хоџа – министер, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, г -дин Константинос Супилас – програмски менаџер на Европската Унија, г -ѓа Сумка Бучан – регионален директор на CARE Balkans, г -дин Лазар Неданоски -извршен директор на Македонската развојна фондација за претпријатија, Г-ѓа Сузана Димитриевска, претседател – Mакедонската асоцијација на земјоделски задруги и г-дин Драган Периќ – проектен менаџер во CARE. За време на настанот беа презентирани резултатите од проектот, како и успешни видео приказни на земјоделски задруги.

Претседателката на Македонската асоцијација на земјоделски задруги, г-ѓа Димитриевска во своето обраќање им се заблагодари на партнерите за укажаната доверба што токму МАЗЗ беше избраната чадор организација која ќе работи заеднички со нив за унапредување и развој на земјоделските задруги во Р. Северна Македонија. Исто така во своето обраќање г-ѓа Димитриевска потенцираше дека проектот „Бизнис план 2019-2020“ постави цврсти темели за иднината на MAЗЗ, со што портфолиото и профилот на организацијата достигнаа голем развој  односно се успеа да се даде одржливост и континуитет на функционирањето на организацијата за подолг временски период. Пренесуваме дел од обраќањето на Претседателката на МАЗЗ:

Со поддршка на проектот Македонската асоцијација на земјоделски задруги ги зајакна техничките и организациски капацитети на организацијата

МАЗЗ ја дефинираше и својата Стратегија за следниот среднорочен период со подготовка на Стратешки план за период 2021 – 2026. Процесот на подготовка на стратешкиот план се водеше партиципативно и транспарентно, и овозможи соодветна вклученост на членките.

Стратегијата за развој на Македонската асоцијација на земјоделски здруги 2021-2026 претставува основен (прв) развоен документ кој го предвидува работењето и улогата на организацијата за следниот петгодишен период. Стратегијата ги опфаќа сите сегменти на еден структурен, јасен и прецизен документ кој го опфаќа идентитетот, искуството, мисијата, визијата, анализата, целите, активностите и очекувањата  дека во наредниот пет годишен период ќе успееме да го зголемиме профитот во земјоделството и да бидеме главниот промотор за развој  на  македонското село, преку обединување и унапредување на работата на  земјоделците во Република Северна Македонија.

Дополнително, се нивелираа и нормативните акти и организационата структура во управувањето на организацијата се со цел – функционална чадор организација, вклучително и Статутот како највисок акт на организацијата. Во таа насока, за првпат во постоењето на организацијата, беше усвоена статутарна измена со која беше воведена наплата на членарина во МАЗЗ се со цел постигнување на поголема финансиска независност и генерирање на приходи што би биле доволни за правилно работење на МАЗЗ заради исполнување на основната улога на лобирање и зачувување на интересите на сопствените членови.

 Се започна со процес на подготовка на деловници и процедури за работа. Како приоритет беа подготвување на процедурите за работењето на управните структури, но исто така и на Извршната канцеларија.Покрај тоа се развија и процедури и за финансиско работење, проектно работење, известување, комуникацијата со членките, администрација на документите, за ангажирање на персонал и др.

 Денес отвореноста на организацијата и транспарентноста кон членството е важен приоритет за МАЗЗ. Секој член на организацијата придонесува со различни способности и искуство, а нивниот единствен придонес е ценет и важен за раководството на организацијата.

МАЗЗ разви систем за управување со човечки ресурси, промоција, застапување, лобирање и поддршка на земјоделските задруги;

Проектот придонесе да се зајакнат капацитетите на човечките ресурси и управувачки структури преку разни видови обуки.

Лидерите на организацијата вклучени во разни видови одбори за застапување и лобирање имаат визија да ги анализираат постојните политики, да го сменат јавниот дискурс и да влијаат на општествените трендови преку воведување нови визии и иновативни решенија за проблемите што се појавуваат. Во исто време, раководните структури поставуваат амбициозни цели и ги инспирираат другите членови да дејствуваат со цел подобрување на работата на организацијата.

МАЗЗ со подршка од проектот изработи и Анализа на состојбата на жените во земјоделските задруги. Целта на анализата подготвена во рамки на проектот даде преглед на застапеноста на жените во земјоделските задруги, препреките со кои се соочуваат и потребите во поглед на јакнење на капацитетите. Истата помогна при изработка на Стратешкиот план за организациски развој на МАЗЗ. Анализата ја потенцира потребата од вклучување на што повеќе жени во задругите како движечка сила за економско зајакнување и економска независнот во руралните средини со цел намалување на руралната сиромаштија и социјалната исклученост.

Со проектот се обезбеди и понуда на релевантни и атрактивни услуги за членките;

За да го задржи интересот на членките, но и да привлече нови членови МАЗЗ со помош на проектот креираше соодветни услуги кои ќе им ги обезбедува на своите членки. Услугите кои ќе бидат понудени се одговор на приоритетните барања на земјоделските задруги. Помош за регистрирање на нови земјоделски задруги,  организирање на учества на локални, регионални и меѓународни саеми, организирање на деловни средби, Б2Б настани и студиски посети, изработка на деловни планови, инвестициски програми за потребите на ИПАРД комерцијални банки и апликации во МЗШВ, организирање на учество на семинари, обуки и стручни советувања се дел од услугите предвидени во Каталогот на услуги на МАЗЗ кои кореспондираат со реалните потреби и очекувања на нашите членови.

Регионалното поврзување и вмрежување на MAЗЗ со сродни организации од регионот и градење платформи за заеднички акции беше додадена вредност во целиот процес. Со Акцискиот план на МАЗЗ поддржан од проектот беше реализирана студиска посета во Р. Грција каде имавме можност да потпишиме и Меморандум за соработка помеѓу Македонската асоцијација на земјоделски задруги и Асоцијацијата на земјоделски задруги од Иматиа. Со Г-динот Христос Јанакакис се обврзавме да соработуваме за реализирање на заеднички проекти од областа на земјоделството и руралниот развој, заеднички да ги идентификуваме потребите од едукација и тренинг во земјоделскиот сектор како и заеднички да го промовираме воведувањето на нови технологии на производството и примена на стандарди во земјоделството со кои ќе се олесни и модернизира работата на земјоделците во двете земји.

Воведот во стандардизирано и сертифицирано производство на 5 земјоделски задруги – членки на МАЗЗ, односно сертификација со Глобал Гап стандардот беше дел од Акцискиот план на МАЗЗ поддржан од проектот каде главен мотив беше реплицирање на овој модел на производство и од останатите земјоделски задруги се со цел поконкурентно и рентабилно производство како и приближување до Европските пазари.