Членките МАЗЗ присутни на првиот национален саем за храна и пијалоци ,,Вкуси ја традицијата”

објавено во: Новости | 0

Македонската асоцијација на земјоделски задруги беше дел од големиот настан „Вкуси ја традицијата” – Прв национален саем за храна и пијалоци“ кој се одржа на 12.11.2022 година (сабота) во Градскиот парк во Скопје. Станува збор за прв саем со ваков обем, во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на кој се претставија голем број на производители, земјоделски задруги и локални здруженија, кои заеднички ги презентираа македонското земјоделство и гастрономија.

На штандот на Македонската асоцијација на земјоделски задруги беа изложени производи од своите членки за кои имаше огромен интерес од страна на посетителите. Штандот на МАЗЗ го посетија и претставници на Делегацијата на Европската Унија меѓу кои беше и амбасадорот Дејвид Гир како и премиерот Ковачевски, со министрите Љупчо Николовски, Славјанка Петровска, Оливер Спасовски, Фатмир Битиќи, директорот на АФПЗРР Никица Бачовски и директорот на АХВ Николче Бабовски. Пoраката која што беше испратена од страна на претседателката на МАЗЗ г-ѓа Сузана Димитриевска беше дека само организиран фармер е конкурентен фармер! Димитриевска потенцираше дека мисијата на МАЗЗ останува да ги организира и поврзува земјоделските задруги на национално ниво, да ги јакне нивните капацитети, да ги застапува нивните интереси и да го унапредува земјоделското производство и руралниот развој. МАЗЗ како најголема чадор организација и во иднина активно ќе работи на промоција за здружување на фармерите, семејните земјоделски стопанства и другите облици со цел остварување на заедничките интереси за развојно, профитабилно земјоделство кое овозможува достоинствен живот на фармерите.